Компанијата „МТЕЛ“ нов генерален спонзор на МЗТ Скопје!
Остварувањето на целите кои се пред нас, а тоа се одбрана на трите пехари на домашна сцена и враќањето во регионалната елита дефинитивно ќе ни биде полесно, откако и официјално можеме да потврдиме дека генерален спонзор на МЗТ Скопје Аеродром оваа сезона ќе биде телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, членка на групацијата Телеком Србија.

Ова е продолжување на соработката што почна минатата година и тоа на задоволство на двете страни. Договорот беше потпишан од генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ и нашиот извршен директор, Филип Ѓоревски, а во присуство на градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, чија помош беше повеќе од драгоцена при остварувањето на синергијата помеѓу телекомуникацискиот оператор и нашиот клуб.
Се надеваме со прикажаните игри и остварените резултати ќе ја оправдаме довербата која луѓето од МТЕЛ ја имаат во нас веќе втора година по ред. Истовремено, би ги повикале и другите општествено-одговорни компании да го следат примерот на овој телекомуникациски оператор и на сличен начин да го помогнат нашиот клуб, кој повеќе од една деценија е вистински амбасадор на нашата држава во регионот, но и во европски рамки.