Дамјан Стојановски и десетта сезона ќе го носи дресот на МЗТ Скопје!

Како што и доликува, долгогодишниот капитен на нашиот тим, Дамјан Стојановски, е првиот кошаркар кој летово ја обнови соработката со МЗТ Скопје Аеродром, што значи продолжување на љубовта која веќе една деценија постои помеѓу клубот и легендата на македонската кошарка.

Кога двајца се сакаат и почитуваат, договор лесно се постигнува па така и официјално може да потврдиме дека нашиот Дамјан и десетта сезона ќе го носи сино-белиот дрес на деветкратниот шампион на Македонија. A, дека „врската“ е сериозна и на долги патеки говорат и плановите на управата за вклучување на Стојановски во клупскиот менаџмент, секако откако ќе реши да ја заврши играчката кариера.

Капитенот сино-белиот дрес првпат го облече во 2012 година, а оттогаш не беше дел од нашиот тим само во сезоната 2016/17, кога се опоравуваше од тешката повреда добиена на меч за македонската репрезентација. Дамјан со МЗТ Скопје дојде до седум шампионски трофеи, пет победи во Купот на Македонија и три во Суперкупот.

Покрај Стојановски, во моментов под договор со нашиот клуб од составот од минатата сезона се и Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев и Бре Ајви, како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.