Аеродромци се изнасликаа со своите херои и со – титулата (ФОТО)

Ептен успешната сезона, во која освоивме трофеј во Суперкупот, ја „заверивме“ деветтата титула и се вративме во јадранската елита финишира на најубав можен начин, со прекрасна дружба со тие без кои не би биле тоа што сме – нашите навивачи.

Тренерот Александар Петровиќ, неговите помошници и останатите од стручниот штаб заедно со сите кошаркари вчерашното попладне го минаа во прегратки, разговори и фотографирање со тие што редовно им даваат поддршка од трибините. Влезот на салата „Јане Сандански“ беше исполнет со аеродромци во чии вени тече сино-бела крв, а прекрасно беше да се гледа како дечиња од најрана возраст едвај чекаа да дојдат на ред да се „сликнат“ со драгоцениот пехар.

Љубовта кон МЗТ Скопје Аеродром традиционално се пренесува помешу генерации, поради што нашиот клуб нема зошто да стравува за својата иднина во делот на поддршката на средбите на кои ќе бркаме остварување и на највисоките цели.

Со голема благодарност за помошта која ни ја дававте во секој од скоро 60 одиграни средби во изминатите 365 дена ставаме крај на успешната сезона и веднаш почнуваме со работа за создавање нов можен тим, кој ќе постигне уште подобри резултати во следната година.