Апсолутна доминација на МЗТ Скопје во изборот на најдобрите за 2019 година!

mzt skopje najdobri vo 2019

Како ретко кога досега, МЗТ Скопје Аеродром доминираше на синоќешниот избор на најдобрите во макбаскетот во 2019 година од страна на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), со оглед што во нашиот клуб завршија дури четири од вкупно шестте категории во машката клупска кошарка.

Во нашата трофејна сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ во иднина ќе стојат статуетките кои ги добивме за најдобра екипа во сениорска и во младинска конкуренција, како и за најдобрите тренери во сениорска и младинска конкуренција. Покрај тимскиот успех, ова беше вечер на заслужена промоција на нашите стратези, Ѓорѓи Кочов и Горан Крстевски, кои ни донесоа шампионски титули со првиот и вториот тим, како и со јуниорската селекција на завршниот фајналфор-турнир во М18-лигата на КФМ.

Наградите во име на тимскиот успех ги примија директорот на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, односно првиот човек на МЗТ Скопје УНИ Банка заедно со целокупната младинска школа, Огнен Стојановски, заедно со тренерските лауреати, Кочов и Крстевски.

„Ќе излажам ако кажам дека не ги очекувавме наградите. Зад нас е година во која направивме многу, како со првиот тим така и со младинската школа, промовирајќи ги талентите преку втор наш тим кој се натпреварува во Првата лига. Такво нешто досега никој друг не направил. Згора на тоа сме и единствена екипа која ја брани честа на македонската кошарка на меѓународна сцена. Сето ова воопшто не е малку, а за тоа да се направи мораше да се вложи голем труд, кој на крај ни се исплатеше“, изјави директорот Грнчаров.

Во слична насока беа и поздравните говори на Стојановски, Кочов и на Крстевски, кои исто така го потенцираа големиот напор кој секојдневно беше вложуван како од играчите, така и од сите луѓе во управата и во стручните штабови.