Александар Петровиќ повеќе не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром

По серијата порази во АБА, меѓу кои беа двата на домашен терен против директните конкуренти за опстанок, Борац Чачак и Сплит, управата на МЗТ Скопје Аеродром и тренерот Александар Петровиќ се договорија предвреме да ја прекинат меѓусебната соработка.

Искусниот стратег својот трет мандат на сино-белата клупа го почна во март годинава, откако претходно беше предводник на нашиот тим во периодот помеѓу 2001 и 2007 година односно помеѓу 2009 и 2011 година. Петровиќ минатата сезона ја одбрани домашната титула, а во АБА2 обезбеди промоција и покрај поразот во финалето на завршниот турнир против Златибор. Сезонава во Првата лига оствари учинок 9-1, но во јадранската конкуренција тимот оствари само две победи во вкупно 12 средби поради што е последнопласиран на табелата.

На Петровиќ му благодариме за сѐ што направи на клупата на нашиот клуб и му посакуваме среќа во понатамошната кариера. Потрагата по неговата замена веќе е почната, а со оглед на обрските кои нѐ очекуваат во домашна и регионална сцена, веруваме дека името на новиот тренер ќе можеме набрзо да го објавиме.