МЗТ деветти пат до Суперкуп трофејот – шести во низа!
Нашиот тим уште еднаш потврди дека е апсолутен владетел во македонската кошарка! Во вистински натпреварувачки трилер и драматична завршница, МЗТ Скопје Аеродром го совлада составот на Куманово со 70-68 и го освои трофејот во Суперкупот на Македонија.
Со овој триумф, нашите момци испишаа нова страница во клупската историја, освојувајќи го овој пехар по шести пат по ред, а вкупно деветти откако се игра ова натпреварување.
Натпреварот донесе вистинска борба и израмнета кошарка уште од самиот старт. Првата четвртина заврши со наше минимално водство од 22-21, а големата и неизвесна битка на паркетот продолжи и во вторите десет минути, па на полувреме заминавме со предност од 39-37.
Во третиот период, кумановци успеаја да направат пресврт и да поведат со 41-43, но тоа како само да ги налути нашите кошаркари. Следуваше фантастична и експлозивна серија од 10-0 преку која брзо ја вративме контролата (51-43), за во решавачките десет минути да влеземе со солидна позитива од „плус седум“ (58-51).
Како што доликува на еден финален меч за трофеј, последната четвртина донесе огромна драма. Се водеше жестока борба буквално до последните секунди од мечот. Сепак, шампионскиот карактер, искуството и победничкиот менталитет на МЗТ Скопје пресудија кога беше најпотребно, за конечни 70-68 и големо славје на „штрковите“.
Прво име во нашиот победнички табор беше извонредниот Ноа Фарахан, кој го заврши мечот со 20 поени, четири скокови и три асистенции, додека Војдан Стојановски, кој реализира 16 поени со седум скока.
Овој Суперкуп пехар е најубавата можна најава за претстојната сезона. МЗТ Скопје продолжува да доминира – одиме по нови победи и нови трофеи!