Саша Димитријевиќ е нов координатор на младинската школа на МЗТ

Во согласност со нашата стратегија за долгорочен развој и уште поголемо вложување во младите категории, со големо задоволство можеме да објавиме дека Саша Димитријевиќ е новиот координатор на младинската школа на МЗТ Скопје.

Станува збор за добро познато име во сино-белото семејство, со оглед што во минатото беше дел од стручниот штаб на нашиот клуб, а во изминатите години успешно работеше како селектор на Македонија во речиси сите младински репрезентативни категории. Неговото богато искуство во развојот на млади кошаркари, како и препознатливата посветеност на индивидуалната работа, беа главните причини да му ја довериме оваа исклучително важна функција.

Како координатор на младинската школа, Димитријевиќ ќе биде задолжен за целосна реорганизација и унапредување на системот на работа во сите возрасни категории. Во текот на својата кариера тој беше дел од развојот на голем број талентирани кошаркари, кои подоцна станаа репрезентативци на Македонија и изградија успешни професионални кариери.

Во тесна соработка со управата на клубот и тренерите од младинскиот погон, новиот координатор ќе работи на подигнување на квалитетот и интензитетот на тренажниот процес, воспоставување современи методи на работа и враќање на препознатливиот сјај на нашата „фабрика за таленти“, која со години беше расадник на врвни македонски кошаркари.

Нашата амбиција е МЗТ Скопје повторно да биде првиот избор за најталентираните млади кошаркари од целата држава. Ќе продолжиме да инвестираме во создавање најдобри можни услови за нивен правилен кошаркарски и личен развој, убедени дека силната младинска школа е темел на секој голем клуб и предуслов за нови успеси на МЗТ Скопје, но и значаен придонес за иднината на македонската кошарка.