Браќата Стојановски остануваат во МЗТ Скопје!
Дамјан и Војдан Стојановски и во наредната сезона ќе го носат дресот на МЗТ Скопје, откако успешно ја продолживме соработката со двајцата македонски репрезентативци, што беше еден од главните приоритети на клубот во пресрет на новата натпреварувачка година.
Задржувањето на браќата Стојановски претставува уште една потврда на нашата определба тимот да биде предводен од најквалитетните македонски кошаркари, кои со своето искуство, карактер и победнички менталитет се темел на амбициите на МЗТ Скопје.
За капитенот Дамјан Стојановски претстојната сезона ќе биде 14-та во сино-белиот дрес. Еден од симболите на клубот ќе атакува на својата 12-та шампионска титула во домашното првенство, при што сите досегашни трофеи ги освои токму со МЗТ Скопје, испишувајќи страници од клупската историја.
Војдан Стојановски, пак, ќе ја започне својата шеста сезона во нашиот клуб, откако повторно ни се приклучи на почетокот на 2022 година. Во изминатиот период тој беше еден од клучните носители на играта и даде огромен придонес во освојувањето на трофеите и остварувањето на клупските цели.
Продолжувањето на соработката со браќата Стојановски доаѓа по враќањето на македонскиот репрезентативец Лука Стојановски и ангажманот на босанскиот центар Емир Крајиниќ, со што полека го комплетираме ростерот за сезоната 2026/27.
Во моментов важечки договори со МЗТ Скопје имаат и Андреј Андоноски и Марин Петков, а во наредниот период ќе продолжиме со засилување на тимот, кој ќе има сериозни предизвици на три фронта – во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот. Сигурни сме дека со квалитетен ростер, препознатлив тимски дух и поддршката од нашите навивачи, ќе бидеме подготвени за уште една успешна сезона.