Лука Стојановски е првото летно засилување на МЗТ!

Македонскиот репрезентативец Лука Стојановски (26 години, 190 сантиметри) е првото летно засилување на МЗТ Скопје, откако официјално потпиша договор со нашиот клуб и повторно ќе го носи сино-белиот дрес.

За Лука ова претставува враќање во добро позната средина, бидејќи веќе беше дел од МЗТ Скопје во сезоната 2018/19. По настапите за нашиот клуб, три сезони мина во Академија ФМП, потоа играше за Еуро Никел, додека изминатите три години беше еден од најважните кошаркари на Пелистер. Сега повторно се враќа во Аеродром, каде што ќе биде дел од новите амбиции на МЗТ Скопје.

Станува збор за веќе докажан бек-шутер, стандарден македонски репрезентативец и кошаркар кој во последните години се профилираше како еден од носителите на играта и еден од лидерите на подмладената национална селекција. Неговото искуство, квалитет и победнички менталитет ќе претставуваат значајно засилување за нашиот тим во сезоната што претстои.

Со ангажманот на Лука Стојановски ги отвораме активностите околу формирањето на ростерот за натпреварувачката 2026/27, во која нè очекуваат големи предизвици на три фронта – настапи во ФИБА Еврокупот, АБА2 лигата и домашната Суперлига.

Добредојде дома, Лука!