Втора победа над Маџари – на дофат сме до круната!

МЗТ Скопје Аеродром се наоѓа на само еден чекор од нова шампионска круна, откако вечерва во „Јане Сандански“ го совлада Маџари со 81-76 и поведе со 2-0 во финалната плејоф-серија.

Актуелниот шампион уште од самиот старт покажа дека нема намера да дозволи изненадување. Со осум поени во низа, „сино-белите“ рано стигнаа до првата посериозна предност (14-7), а како што одминуваше времето разликата постојано растеше.

Најдобриот период од натпреварот МЗТ Скопје го имаше во финишот на првото полувреме, кога предноста достигна максимални 18 поени (44-26). Во тие моменти аеродромци играа одлично на двете страни од теренот и практично ги поставија темелите на новата победа.

Иако гостите се обидуваа да се вратат во игра во второто полувреме, домашниот состав во најголем дел сигурно ја контролираше разликата и не дозволи драматичен пресврт. Натпреварот во завршницата доби поинаков тек поради големиот број технички и неспортски грешки, што дополнително ја зголеми нервозата на теренот, но МЗТ Скопје остана доволно смирен за да ја зачува предноста и да стигне до вториот триумф во серијата.

Најефикасен во победничкиот тим беше Мек Смит со 19 поени, осум скока и три асистенции. Капитенот Војдан Стојановски уште еднаш ја потврди својата важност со 18 поени, додека Марин Петков покрај осумте поени запиша и седум асистенции. Значаен придонес даде и Душан Танасковиќ со осум поени и осум скока.

Со оваа победа, МЗТ Скопје дојде на само еден триумф од освојување на 13-та шампионска титула во клупската историја. Првата можност за заверка на трофејот ќе биде в недела, кога третата средба од финалната серија ќе се одигра на теренот на Маџари.

Аеродромци сега имаат меч-топка за нова титула и шанса уште во следниот натпревар да ја крунисаат успешната сезона со уште еден шампионски пехар