Направен првиот чекор кон новата титула!

МЗТ Скопје Аеродром со победа ја отвори финалната серија од плејофот, откако вечерва во салата „Јане Сандански“ го совлада Маџари ГБ со 84-77 и поведе со 1-0 во битката за шампионскиот трофеј.

„Сино-белите“ дојдоа до заслужен триумф по натпревар во кој покажаа квалитет, трпение и шампионски карактер во клучните моменти. Иако почетокот не беше идеален, избраниците на стручниот штаб успеаја навреме да го пронајдат својот ритам и да ја преземат контролата врз случувањата на теренот.

Пресвртот беше направен во втората четвртина, кога МЗТ Скопје одигра извонреден период и со серија од 17-3 целосно го смени текот на натпреварот. Од резултатска негатива, аеродромци стигнаа до предност која подоцна се покажа како клучна за конечниот исход.

Во второто полувреме домашниот тим мудро и сигурно ја контролираше разликата, не дозволувајќи му на противникот да се доближи доволно за целосно да ја загрози победата. Кога Маџари се обидуваше да се врати во игра, кошаркарите на МЗТ Скопје секогаш имаа подготвен одговор и уште еднаш го потврдија својот шампионски менталитет.

Најефикасен во победничкиот состав беше Андреј Маслинко со 17 поени, додека Душан Танасковиќ повторно одигра значајна улога со 15 поени и седум скока. Двоцифрен учинок имаа и Илајџа Мекејден со 14 поени, како и капитенот Дамјан Стојановски со 12 поени.

Со овој триумф, МЗТ Скопје го направи првиот од трите потребни чекори кон одбраната на шампионската титула. Следната можност за нова победа доаѓа веќе в среда, кога двата тима повторно ќе се соочат во „Јане Сандански“.

Пред аеродромци е уште еден важен предизвик, а поддршката од трибините повторно може да биде значаен фактор во обидот да се стигне на само една победа од нова шампионска круна.