Трета четвртина за историја и за ново – финале!

МЗТ Скопје Аеродром ќе игра во јубилејното 20. финале од плејофот во клупската историја, откако вечерва во мајсторката го декласира Пелистер со убедливи 87-58 и на импресивен начин ја завери визата за битката за шампионската титула.

Во натпревар во кој влогот беше огромен, а притисокот на највисоко ниво, „сино-белите“ уште еднаш покажаа карактер и шампионски менталитет. По израмнетото прво полувреме, следуваше вистинска експлозија на тимот од Аеродром, кој со неверојатна игра во третата четвртина целосно го скрши отпорот на битолчани.

Клучниот момент се случи во третиот период, кога МЗТ Скопје направи фантастична серија од 26-3 и практично го реши прашањето на победникот. Одбраната функционираше беспрекорно, нападот беше разигран и инспириран, а разликата од минута во минута растеше до конечните плус 29.

Со оваа победа, аеродромци обезбедија 20-то плејоф-финале во својата историја и 14-то последователно, а сега ќе имаат можност да ја нападнат и 13-та шампионска титула.

Најзаслужен за триумфот беше Марин Петков, кој одигра извонреден натпревар и го заврши со 23 поени и седум асистенции. Одличен беше и Душан Танасковиќ со 20 поени и седум скока, додека голем придонес даде Илајџа Мекејден со дабл-дабл ефект од 14 поени и 12 скока, надополнети со пет асистенции.

Меѓу најистакнатите беше и Андреј Маслинко со девет поени и девет скока, додека капитенот Војдан Стојановски додаде осум поени во уште едно пожртвувано издание на тимот кој одигра како едно.

Секој кошаркар го даде својот максимум, секој се бореше до последниот атом сила, а резултатот беше уште една незаборавна вечер во „Јане Сандански“ и ново финале за најтрофејниот македонски кошаркарски колектив во последните две децении.

Во големото финале противник ќе биде Маџари, а целта е јасна – освојување на нов шампионски трофеј и продолжување на доминацијата на македонската кошаркарска сцена.