„Мајсторката“ ќе го реши патникот во финалето!
МЗТ Скопје Аеродром не успеа да го завери пласманот во финалето на гостувањето во Битола, откако загуби од Пелистер со 76-81 во вториот натпревар од полуфиналната серија. Со овој резултат, двете екипи се израмнети на 1-1 во победи, па патникот во финалето ќе биде решен во третата, решавачка средба.
Аеродромци и овојпат се соочија со сериозни кадровски проблеми. Покрај фактот што во составот имаше неколку кошаркари кои неодамна се вратија на терените по повреди, тимот повторно беше без веќе оперираниот Андреј Магдевски. Дополнителен удар пристигна непосредно пред натпреварот, кога Бојан Крстевски заработи дислокација на прстот на раката на последниот тренинг пред заминувањето за Битола и не беше во можност да му помогне на својот тим.
И покрај скратената ротација и проблемите со составот, „сино-белите“ одиграа борбен натпревар и до самиот крај останаа во игра за победа. Сепак, домаќинот имаше свое шутерско расположение во клучните моменти и успеа да ја искористи предноста на домашниот терен за да избори мајсторка.
Така, полуфиналната серија ќе добие вистинска кулминација во третиот натпревар, кој најверојатно ќе се одигра в среда во спортскиот центар „Јане Сандански“. Благодарение на подобриот пласман во регуларниот дел од сезоната, МЗТ Скопје ќе има предност на домашен терен во дуелот што ќе одлучува кој ќе се пласира во големото финале.
Сега повеќе од кога било ќе биде потребна поддршката од трибините. Пред нашите кошаркари стојат уште 40 минути борба за продолжување на сезоната и ново финале, а присуството и поддршката на навивачите може да бидат клучниот фактор во обидот да се надминат сите проблеми и да се направи последниот чекор кон битката за шампионскиот трофеј.