Триумфален старт на полуфиналната серија со Пелистер

МЗТ Скопје Аеродром го направи првиот чекор кон пласман во финалето на плејофот, откако вечерва во салата „Јане Сандански“ го совлада Пелистер со 80-75 во првиот натпревар од полуфиналната серија.

Во натпревар исполнет со неизвесност, цврста игра и бројни резултатски пресврти, „сино-белите“ покажаа карактер во најважните моменти и стигнаа до исклучително значајна победа, со која поведоа со 1-0 во серијата што се игра до две добиени средби.

Клучниот период од мечот дојде кон крајот на третата и почетокот на последната четвртина. Во моменти кога резултатот беше целосно отворен, аеродромци направија серија од 15-1 со која одново воспоставија контрола врз случувањата на теренот и стигнаа до двоцифрена предност од 66-56. Токму таа серија се покажа како пресудна, бидејќи домаќините до крајот успеаја сигурно да ја сочуваат предноста и да го приведат натпреварот во своја корист.

МЗТ Скопје одигра тимски натпревар, а дури петмина кошаркари завршија со двоцифрен број поени. Најефикасен беше Андреј Маслинко со 15 поени и пет скока, додека Мек Смит придонесе со 13 поени и осум скока. Марин Петков реализира 12 поени, а одличен дабл-дабл учинок запиша Душан Танасковиќ со 12 поени и исто толку скока. Капитенот Војдан Стојановски додаде 10 поени и шест скока.

Со овој триумф, актуелниот шампион се најде на само една победа од ново плејоф-финале. Следната можност за заверка на финалниот билет ќе биде наредниот викенд во Битола, каде што ќе се одигра вториот натпревар од серијата.

Голема заслуга за победата имаа и навивачите, кои во текот на сите 40 минути му даваа силна поддршка на тимот од трибините на „Јане Сандански“. Сега фокусот се сели кон Битола и кон обидот полуфиналната серија да биде завршена уште во вториот натпревар, со што МЗТ Скопје би обезбедил ново финале и продолжување на битката за одбрана на шампионската титула.