Нова победа за МЗТ – „сино-белите“ лидери во Суперлигата
Кошаркарите на МЗТ Скопје забележаа нова сигурна победа на домашен терен, откако во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа Гостивар со 84-73 и со учинок 14-1 се наоѓаат на врвот на табелата во Суперлигата.
„Сино-белите“ го контролираа текот на натпреварот во најголемиот дел од средбата, а клучната предност ја создадоа во средишниот дел од натпреварот, која до крајот рутински ја одржуваа за нов триумф во домашното првенство.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Илајџа Мекејден со 23 поени, надополнети со 4 скока и 4 асистенции. Одличен настап имаше и Душан Танасковиќ, кој забележа дабл-дабл учинок од 18 поени и 15 скока. Чарлс Гил постигна 11 поени и додаде 7 скока, додека Марин Петков имаше разновиден учинок од 10 поени, 5 скока и 5 асистенции.
Следен предизвик за МЗТ Скопје ќе биде настапот на завршниот турнир од Куп на Македонија, кој ќе се одржи во Куманово. Во четврт-финалето, „сино-белите“ ќе се соочат со големиот ривал Работнички, во натпревар закажан за петок од 14:00 часот.