МЗТ Скопје по 12-ти пат е шампион на Македонија!
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром повторно ја потврдија својата доминација на домашната сцена, освојувајќи ја 12. шампионска титула во историјата на клубот. Во четвртиот натпревар од финалната серија, „сино-белите“ на убедлив начин го совладаа тимот на ТФТ Скопје со резултат 77-53 и со вкупни 3-1 ставија печат на уште една успешна сезона.
По неочекуваниот пораз во третиот натпревар, избраниците на тренерот Васко Атанасов одговорија како вистински шампиони – со агресивна одбрана, брза транзиција и целосна контрола на играта од првата до последната минута. Веќе на полувреме имаа убедливо водство од 24 поени разлика, кое го задржаа и зголемија до самиот крај.
Симболично, токму тројката на капитенот Војдан Стојановски четири минути пред крајот на натпреварот ја запечати победата и ја потврди новата шампионска круна за клубот од Аеродром.
Најефикасни поединци:
- Војдан Стојановски – 17 поени
- Дион Едвин – 15 поени
- Андреј Крстевски и Дамјан Стојановски – по 11 поени
Сепак, токму тимската игра и шампионскиот менталитет беа клучот за оваа доминантна победа и новата титула.
Од 2012 година наваму, МЗТ Скопје Аеродром освои дури 12 шампионски титули – доказ за константната работа, амбиција и желба за успех. Но, тимот не застанува тука. Целта е јасна: нови предизвици, нови титули, нови успеси!