МЗТ лесно и убедливо до стартно водство во финалето со ТФТ!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на најдобар можен начин ја започнаа финалната серија од Првата машка лига, совладувајќи го составот на ТФТ со убедливи 67-49 и поведоа со 1-0 во борбата за шампионската титула.

Клучниот момент на натпреварот се случи во втората четвртина, кога “металците” направија серија од 18-2, целосно го презедоа ритамот на игра и ја наметнаа својата доминација. Во тој период, тимот од Аеродром одигра фантастична одбрана, не дозволувајќи му на противникот ниту еден поен од игра во текот на цели десет минути.

Најефикасни поединци во редовите на МЗТ беа Војдан Стојановски со 12 поени, капитенот Дамјан Стојановски со 11 поени и 6 скока, како и младиот Андреј Андоноски, кој забележа 9 поени и 6 скока.

Вториот натпревар од серијата се игра во понеделник (27 мај) со почеток од 19:30 часот во салата „Јане Сандански“. Повик до сите навивачи – да ја наполниме салата и да дадеме силна поддршка во битката за нова шампионска титула!