МЗТ обезбеди финале и му го посвети на својот Мац!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на импресивен начин ја завршија полуфиналната серија од плејофот, совладувајќи го Куманово со убедливи 88-61 на домашен терен и со максимални 3-0 се пласираа во големото финале од Првата лига.

Ова ќе биде вкупно 19-то финале во клупската историја, во кое „металците“ ќе атакуваат на својата 12-та шампионска титула.

Полуфиналната серија беше исклучително убедлива за избраниците на тренерот Александар Јончевски, кои сега имаат скор од 6 победи во исто толку одиграни натпревари во плејофот. Триумфот против Куманово, симболично, им беше посветен на Марјан Михајловски – Мац, долгогодишен член на клубот, кој трагично го загуби животот пред една година и кој останува засекогаш дел од семејството на МЗТ.

Најпрецизни кај „сино-белите“ беа Војдан Стојановски со 18 поени, Дион Едвин со 15 поени, 7 скока и 6 асистенции, Милош Копривица со 15 поени и 8 скока, Бојан Крстевски со 12 поени, и капитенот Дамјан Стојановски со 10 поени и 5 скока.

Противник во финалето ќе биде подобриот од дуелот меѓу ТФТ и Работнички, а МЗТ Скопје е подготвен за нова борба за титулата.