Приоритет ќе ни биде враќањето во АБА и одбраната на трите домашни трофеи!

Дојде време за почеток на новата сезона и тоа со утрешната пресметка на домашен терен против Теодо (18 часот), прв меч од АБА2 што ќе го одиграме во „Јане Сандански“ уште од светската пандемија со коронавирусот.

Поради ова, денеска на прес-конференција ги искажавме своите очекувања и амбиции кои се екстремно високи. Најавивме давање приоритет на враќањето во елитната јадранска конкуренција, за што ќе ни треба да бидеме најдобри во второлигашката конкуренција. Истовремено, потенциравме дека сме решени да сториме се да ги одбраниме трите трофеи на домашна сцена, почнувајќи од Суперкупот кој ќе го одиграме в сабота (28 септември) против Пелистер.

„Зад нас е мирно лето, во кое си ги исполнивме сите желби околу играчкиот кадар. Амбициите на клубот се исти како и секоја година, со тоа што оваа сезона ќе дадеме поголем фокус на враќањето во АБА лигата. На домашна есцена, пак, сме главен претендент за освојување на сите трофеи. Како клуб доволен мотив и показател дека сме во правилна насока ни е продолжувањето на соработката со сите наши помагатели од претходната година“, изјави извршниот директор Филип Ѓоревски.

Слични беа размислувањата и на тренерот Васко Атанасов.

„Зад нас е еден добар преоден рок во кој го задржавме костурот на тимот и додадовме добри кошаркари кои ќе ни бидат од голема помош. Како тренер ми беа исполнети сите мои барања за играчкиот кадар. Нашата цел е да ги одбраниме трите трофеи во макбаскетот, но и да го нападнеме четвртиот и да се вратиме во АБА со што верувам би ги задоволиле сите наши навивачи“, изјави Атанасов.

Капитен на екипата и оваа сезона ќе биде Дамјан Стојановски, кој повеќе од една деценија го носи сино-белиот дрес на МЗТ.

„Сакам да изразам благодарност што и оваа сезона ќе ја почнам како капитен на МЗТ Скопје. Имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број на натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на обврските во АБА2. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото“, изјави Стојановски.

Нашиот стручен штаб летово ги задржа браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Андоноски, Марин Петков, Марко Миловановиќ и Марко Баковиќ, а ги ангажира Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Милош Копривица, Брандон Слај и Дион Едвин.