Втора по ред победа над ТФТ како загревање за дуелот со Партизан!

Втора по ред рутинска победа против ТФТ (74-60) во СРЦ „Кале“ во последните десетина дена, со која успешно ја почнавме новата сезона во Првата лига, а воедно и одлично се загреавме за дуелот против Партизан во АБА-лигата.

Противникот се држеше до средината на вториот период, кога со серија 12-1 дојдовме до највисоките дотогаш плус осум (37-29) и најавивме освојување на бодовите. Пред крајот на третата четвртина веќе ја достигнавме и границата од 20 поени разлика, со што само го потврдивме триумфот на теренот на противникот.

Бојан Крстевски и Мајк Кефи со по 13 поени беа најпрецизни во сино-белата чета, додека Војдан Стојановски дополни со 10 поени. Страхиња Миќовиќ реализира девет поени, седум скока и пет асистенции, Андреј Магдевски средбата ја заврши со седум поени и девет скока, а седум поени постигна и Дамјан Стојановски.

Против црно-белите играме в понеделник во „Јане Сандански“ со почеток во 16 часот. Билетите се веќе во продажба преку интернет, на продажните места на МК Тикетс и на билетарницата пред салата во Аеродром.