Во новата сезона: Српско-хрватски бедем под кошот на МЗТ Скопје!

Денешниот ден ги носи и првите две интернационални засилувања за МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона и тоа Хрватот роден во БиХ, Марко Баковиќ (30 год, 203 см), кој најчесто игра на позицијата „четири“ и талентираниот српски центар, Душан Танасковиќ (22 год, 208 см). Двајцата се добро познати на стручњаците од овие простори, имаат искуство со настап во јадранските натпреварувања и од нив се очекува да бидат вистински бедем под кошевите.

Баковиќ одигра 22 натпревари за Цибона во минатиот шампионат во АБА, меѓу кои и првиот од двата меѓусебни дуели против нашиот состав, а во Скопје доаѓа по 13 средби во дресот на шпанскиот второлигаш Леида. Освен борбата во рекетот, негов заштитен знак е и одличниот шут за тројка, со оглед што често во кариерата имал и скоро 50-отстотна прецизност од оваа позиција.

Танасковиќ, пак, потекнува од младинската школа на Партизан, по што настапувал за српските прволигаши Младост Земун и Дунав, додека минатата сезона беше дел од АБА2-лигашот Борац Бања Лука, во чиј дрес имаше просек од 14,2 поени и 6,1 скок. Без разлика на возраста, располага со одлична центарска техника, за што доволно говори неговата статистика според која погодува два од секои три упатени удари кон противничкиот кош.

Српски-хрватскиот тандем со ова им се приклучи на браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ и Марин Петков, за кои веќе објавивме дека ќе го носат плаво-белиот дрес во следната сезона и тоа предводени од тренерот Васко Атанасов.