„УНИ Банка“ и четврта година по ред ќе настапува во дресот на МЗТ Скопје Аеродром!

„УНИ Банка“, која со години наназад е една од најдобрите и најголеми банки на македонскиот пазар и четврта година по ред ќе биде еден од главните поддржувачи на МЗТ Скопје Аеродром, со што ќе продолжи да биде пример за општествено-одговорна компанија што прави сѐ во своја моќ за да го помогне македонскиот спорт.

Дури и во овие кризни времиња поради глобалната пандемија со коронавирусот, „УНИ Банка“ насочи солиден дел од својот капацитет за помош на нашиот клуб, со цел што е можно подостојно да ја претставиме Македонија на регионална сцена, како и да формираме тим кој ќе стори сѐ за да дојде до триумф во двете домашни натпреварувања.

Станува збор за една од најреномираните финансиски институции кај нас, која нуди широк спектар банкарски активности, почнувајќи од прибирање депозити, одобрување кредити на правни и физички лица, услуги во домашниот и во меѓународниот платен промет, до посредување во купопродажбата на девизи и хартии од вредност. Банката има околу 400 вработени, кои опслужуваат преку 200.000 клиенти во 30 експозитури, со голем број банкомати и е една од првите што воведе чип како заштитна технологија заедно со електронското плаќање преку интернет.

Финансиската инјекција од „УНИ Банка“ и тоа како ќе биде од помош на МЗТ Скопје Аеродром за претстојната сезона во која ќе сториме сѐ да дојдеме до осмата титула и до десеттиот трофеј во Купот на Македонија, како и да се бориме за самиот врв во АБА2-лигата. Се надеваме дека нашата заедничка успешна приказна со „УНИ Банка“ ќе биде и мотив повеќе за останатите општествено-одговорни компании кај нас да станат дел од нашиот победнички тим и да ни помогнат достојно да ја претставуваме Македонија како во регионот така и на европска сцена.