Со сигурна победа го почнавме настапот во АБА2!

МЗТ Скопје Аеродром со победа ја отвори новата сезона во АБА2 лигата, совладувајќи го српскиот Вршац со сигурни 75-63 на домашен терен.

„Металците“ одиграа добар натпревар и ја презедоа контролата во второто полувреме, кога со серија од 10-0 го скршија отпорот на младиот противник. Тоа значеше и прво посериозно водство (52-43), кое беше успешно задржано до крајот на мечот.

Најефикасен во редовите на македонскиот шампион беше Илајџа Мекејден со 21 поен и 6 скока, а веднаш зад него беше Мек Смит со 18 поени и 4 скока. Сигурен настап имаше и Хуан Дејвис, кој реализираше 10 поени (3/3 за тројка) и додаде 5 скока.

МЗТ Скопје следниот натпревар во рамките на АБА2 лигата ќе го одигра на 22 октомври како гостин против тимот на Сутјеска.