Се вративме по минус 16 и ја освоивме Битола!

Годината што ни донесе нова шампионска титула и враќање во АБА-лигата на домашна сцена ја завршивме како што доликува – со победа на гостувањето против големиот противник изминативе сезони, тимот на Пелистер (83-79).

По голема борба во сите 40 минути, нашите момци предводени од Васко Атанасов, а без повредениот Страхиња Миќовиќ, одиграа машки до самиот крај, умешно одговорија на сите предизвици и запечатија со деветтата победа по ред на домашна сцена. МЗТ Скопје со овој триумф се зацементира на првата позиција на табелата со скор 10-1, односно со две победи повеќе од првите ривали, Пелистер и Гостивар.

Вечерашната победа е посебно слатка бидејќи до неа дојдовме на секогаш жешкиот битолски терен и тоа со надополнување на негатива од 16 поени (18-34) во која се најдовме пред се поради фантастичниот шут за тројка на противникот во првото полувреме (вкупно седум). Не паднавме со духот, игравме според зацртаното и полека, но сигурно ја топевме предноста на зелено белите, за да на крајот со серија 11-2 да дојдеме до највисоките плус осум за нас (78-70) кои ни ја обезбедија посакуваната победа.

Мајк Кефи и Бојан Крстевски со по 22 поени и со шест асистенции односно седум скока беа најпрецизни во нашиот тим, додека веднаш зад нив беше Александар Бурсаќ со 19 поени. Последен ривал, пак, годинава ќе ни биде Цибона, на која ѝ гостуваме в петок во Загреб во меч од 13. коло од АБА-лигата, предводени од новиот тренер Драган Николиќ.