Рекапитулар: Доминиравме на теренот, поставивме европски стандарди надвор од него!

Периодот непосредно пред почетокот на подготовките за новата сезона, закажани за следната недела, е идеален за уште едно потсетување на одличната сезона што е зад нас, во која не само што ја освоивме двојната круна на домашна сцена, а со вториот тим обезбедивме опстанок во Првата лига туку истовремено вложивме труд и средства во остварување неколку капитални инвестиции, од кои допрва ќе следува бенефитот како за МЗТ Скопје Аеродром така и за македонската кошарка во целост.

Вложувањето во инфраструктурата го почнавме со спортскиот центар „Ново Лисиче“, каде што направивме големо реновирање и место каде што ќе ги брусиме нашите дијаманти од младинската школа. Променет е подот со модерна подлога според стандардите на ФИБА, соблекувалните се целосно обновени, заменето е целосното осветлување и поставени се модерни ЛЕД-рефлектори.

Популарната „Дупка“ е целосно бојадисана во боите на клубот, а на ѕидовите гордо стојат нашите досегашни клупски грбови како своевидна симбиоза на минатото и иднината, а теретаната е максимално модернизирана со современи машини за вежбање. Со ова, дополнително го кренавме квалитетот на нашата „фабрика за таленти“, со што само го дополнивме впечатокот дека сме најдобри не само во државата во овој сегмент, туку и во блиското опкружување.

Паралелно со ова, ја модернизиравме работата на првиот тим, со цел нашите кошаркари да имаат услови карактеристични за најсилните екипи од регионот и пошироко. Прво беше купен апарат за правење мраз, што можеби некому ќе делува наивно, но само спортистите ја знаат важноста да имаат на дофат една ваква машина, како и неограничени количини мраз за рехабилитација и рекуперација.

Клубот дневно троши околу 100 килограми мраз, кои досега беа купувани, поради што оваа инвестиција веќе повеќекратно е вратена. Купен е и модерен апарат за физикална терапија од најдобриот бренд БТЛ, кој соджи ултра-звук, ласер, струја и магнет, со што на долги стази го решивме прашањето за опоравување на нашите кошаркари од сите категории, за што во минатото беа плаќани големи пари во приватните болници.

Последна инвестиција во низата се т.н Полари, односно уреди кои кошаркарите ги носат за време на тренинзите и на натпреварите, а кои на нашиот кондициски тренер му даваат информации за напорот што го вложуваат и дали и кога треба да им се даде одмор. Ова е нешто секојдневно во најдобрите европски клубови, своевиден влез на науката во спортот, што веќе успешно се имплементира во МЗТ Скопје Аеродром, со цел да се извади максимумот од секој играч кој е во ростерот.

Ова се инвестиции кои остануваат во клубот, со цел секој кошаркар да има идеални услови за напредок. Тоа не прави горди на оствареното, бидејќи покрај освојувањето трофеи, односно продолжувањето на доминацијата во македонската кошарка, истовремено поставуваме нови стандарди во макбаскетот. Секако, ваквата клупска политика ќе продолжи и во иднина, односно паралелно со „бркањето“ пехари ќе инсистираме на надоградба во сите придружни елементи и на модернизација во работата, со цел да се приближиме што повеќе до регионалниот и европски крем. Само така можеме да се надеваме на успеси надвор од домашното огниште, каде што речиси една деценија сме клуб број еден во Македонија на сите полиња, на и надвор од теренот.

Со ваквото размислување и делување на теренот, резултатите сигурно нема да изостанат, како што и што досега не беа плод на случајност, туку плод на напорната работа на сите – од најмалите пионерчиња до најголемите ѕвезди во првиот тим. Едноставно, МЗТ Скопје Аеродром е една голема – Фамилија.