Официјално почнавме со подготовки – сите кошаркари се на паркетот!

Синоќешниот тренинг може да биде означен како официјален старт на подготовките на нашата екипа за новата сезона, со оглед што тренерот Васко Атанасов и неговите помошници првпат на располагање ги имаат сите кошаркари на кои сметаат за претстојниот период во кој ќе ја браниме двојната круна и ќе атакуваме на враќање во јадранската елита.

Последните на тимот му се приклучија Американците Ијасу Ворку и Седрик Расел, нешто претходно во Скопје пристигнаа и Србинот Душан Танасковиќ и Хрватот Марко Баковиќ, а на тренинзите им се приклучија и репрезентативците на Македонија, кои добија неколку дена повеќе за одмор поради обврските кон националната селекција. Со тимот работат и неколкумина најталентирани кошаркари од нашата младинска школа, за кои ова ќе биде огромна шанса за учење покрај играчи со голем квалитет и искуство.

Нашите момци подготвителниот период ќе го минат во Скопје, а првата контролна средба е закажана за на 5 септември кога ќе му гостуваме на грчки Арис. Потоа на домашен терен ќе ги пречекаме екипите на Пеја (8 септември), Гостивар (14 септември) и на Рилски спортист (18 и 19 септември). Првиот официјален натпревар ќе го одиграме на 23 септември и тоа во македонскиот Суперкуп против Феникс.