Не го изненадивме силниот тим на Будуќност!

Нешто полошиот шут од очекуваното (39-отсто од поле) и секако поголемиот квалитет на противникот со кој влегува меѓу најсериозните кандидати за титулата во АБА, се главните причини за поразот на нашите кошаркари на вечерашното гостување кај Будуќност (66-89).

Противникот силно го почна мечот, поведе со 12-2, а пред крајот на вториот период дојде и до плус 15 (38-23). Но, тогаш на виделина излезе мотивираноста и инаетот во плаво-белата чета, што резултира со серија 10-1 и намалување на негатива од шест поени. Ова беше показател дека во Подгорица не заминуваме со бело знаме, туку да се бориме, иако со тоа како дополнително го разбудивме ривалот. Будуќност ни врати со серија 19-3 за водство со 60-38, што беше најава за крајниот епилог.

Бре Ајви и Еван Максвел со по 12 поени и по седум скока беа најефикасни во таборот на МЗТ Скопје, додека двоцифрен ефект имаше уште и Дамјан Стојановски со десет поени. Солиден беше и Андреј Магдевски со осум поени и шест асистенции.

Наш следен ривал во АБА и воедно прв противник против кого реално може да се надеваме на триумф ќе биде СЦ Дерби, меч закажан за следната сабота во „Јане Сандански“. Во меѓувреме, исто така на домашен терен, ќе ги одмериме силите со Гостивар и тоа во вторник од 19 часот во меч од 2. коло од првата лига.