МЗТ Скопје со Црногорецот Милошевиќ го комплетира квартетот странци!

Немања Милошевиќ (34 год, 204 см), кој е повремен репрезентативец на Црна Гора, е нашето најново засилување во пресрет на стартот на новото домашно првенство, кое го почнуваме следниот викенд против Пелистер.

Станува збор за ептен искусен крилен центар, кој летово тренираше со тимот на Будуќност, но на крајот не се најде меѓу кошаркарите кои влегоа во првиот тим на црногорскиот шампион. Негов последен клуб е Студентски центар, новиот член на АБА-лигата исто така од Подгорица, а претходно во кариерата има играно за Морнар, Јамбол, Бургас, Бриндиси, Орлеанс, Орадеа, Лукоил и Солнок. Зад себе има две шампионски титули во Црна Гора и една во Бугарија.

Милошевиќ ќе им се приклучи на хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ, како и на Американците Дастин Вер и Хуан Дејвис, кои од почетокот на подготвителниот период се дел од МЗТ Скопје.

Нашиот тим сезоната ја почнаа со трофеј во Суперкупот, по саботната победа над Работнички (79-78).