МЗТ Скопје продолжува со капиталните инвестиции за – подобро утре!

Паралелно со инвестицијата во тимот што нѐ претставува на теренот, пред сѐ во домашните кошаркари меѓу кои има актуелни репрезентативци и потенцијални идни ѕвезди на макбаскетот, управата на МЗТ Скопје продолжува и со капиталните инвестиции во инфраструктурата и во обезбедување најмодерни средства за следење на работата и за рекуперација и рехабилитација на нашите играчи.

По целосната реконструкција на спортскиот центар „Ново Лисиче“, каде што заедно со општина Аеродром инвестиравме во целосна обнова на овој дом на нашата младинска школа, изминатиов период вложивме и значајни средства во модерни реквизити какви што се користат во најголемите европски екипи.

Тоа, пред сѐ, се однесува на набавката на комбиниран медицински апарат со ласер, ултразвук и електро-терапија, со цел нашите кошаркари во секое време на дофат до раката да имаат можност за опоравување од напорите на тренинзите, натпреварите, како и од повредите, кои секако се неизбежни во професионалниот спорт. Наместо да губат време да одат по разни ординации, што е особено важно во ова време на корона-вирусот, челниците на клубот им овозможија посебна просторија со модерни апарати и медицински лица каде што би ги завршиле потребните терапии за експресно опоравување односно враќање во тренажен процес по повредите.

Со доаѓањето на новиот кондициски тренер, Михаило Шејкеровски, се обезбедија и нови т.н. „Полари“, кои важат за најпрецизни сензори за бележење на работата на срцето, кои со блутут-технологија се поврзани со специјален програм преку кој детално се анализира ангажманот на кошаркарите на тренинзите и на натпреварите. Со тоа, тренерите добиваат адекватна слика на можностите на играчите со кои располагаат, што, пак, е исклучително значајно при дозирањето на тренинзите, но и за оценување на учинокот на актерите на теренот. Но, истовремено, со тоа се минимизираат шансите за било какви несакани здравствени проблеми со најцрн епилог на паркетот, на какви што, за жал, сме сведоци во светскиот спорт.

Овој дел од инвестициите завршува со „Апаратот за правење мраз“, кој можеби делува „шашаво“, како што се велеше во познатата реклама за „Космодиск“, но кој веднаш стана омилен меѓу нашите кошаркари. Само професионалните спортисти знаат колку е важно после секој тренинг односно натпревар да имаш на дофат ваков апарат и неограничена количина на мраз, со цел да се направи рекуперација на зглобовите и на мускулите по големите напори. Лежењето во када со мраз е омилен начин за опуштање по напорната работа за спортистите, поради што аквизицијата на овој апарат е исклучително значаен за продолжување на „работниот век“ на нашите кошаркари. Да не говориме и колку е важно да се има една ваква машина при рака при некоја, не дај боже, повреда, како дел од првичната интервенција од лекарскиот тим.

Мора да се напомене и дека сите наши инвестиции во делот на модернизација на тренажниот процес не се наменети само за нашиот прв тим, туку и за сите кошаркари кои го носат сино-белиот дрес, без разлика на возраста и екипата за која настапуваат. Нашата цел е да се создаде систем во склоп на клупски центар, кој би ги опслужувал сите што настапуваат за МЗТ Скопје, без разлика во која категорија и во која лига.