МЗТ Скопје и со скусена ротација до убедлива победа против вицепрвакот!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродорм покажаа огромна желба и борбеност, па и со скусена ротација не дозволија никакво изненадување во вечерашната пресметка на домашен терен против Еуро Никел (81-67), меч од 14. коло од Првата лига, кој беше реприза на ланското плејоф-финале.

Ова беше шеста победа во низа за нашиот тим против големиот ривал од Кавадарци, кој без разлика на сегашниот пласман на табелата, дефинитивно ќе ни биде еден од најсериозните противници во битката за трофеите на домашна сцена. Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ одиграа фантастична одбрана и имаа одговор за секој напад на противникот, а во по неколку пресврти на двете страни, финалниот удар го зададовме со серија 14-4 во вториот период за водство 37-30. Во последните десет минути имавме и плус 22 (68-46), што беше крај на сите надежи на вицешампионот за некакво изненадување во „Јане Сандански“.

Бојан Крстевски со 17 поени беше најефикасен кај МЗТ, Хуан Дејвис и Роберт Рикиќ постигнаа по 14 поени, а за одбележување е и дабл-дабл учинокот на Немања Милошевиќ со 10 поени и 11 скока. Секако, триумфот немаше да биде така лесен без универзално добрата игра на Дамјан Стојановски со девет поени, осум скока и три асистенции и на Адем Мекиќ со девет поени, пет скока и седум асистенции, кои беа неминлив бедем во одбраната, заедно со Дамјан Робев, кој застана на шест поени.

Наш следен ривал е Куманово, каде што ќе гостуваме во текот на следната недела.