МЗТ Скопје Аеродром го освои првиот пехар сезонава – тој во Суперкупот!

superliga sampioni

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се победници во годинешното издание од Суперкупот, кој изминативе два дена се играше во салата „Јане Сандански“ во организација на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), откако вечерва, во меч со неочекувана драма на крајот, го совладаа тимот на Карпош Соколи со 87-84 (23-16, 25-14, 23-25,16-29).

Избраниците на тренерот Емил Рајковиќ кон средината на третиот период имаа водство со дури 24 поени разлика (71-47), но потоа дојде до мало опуштање што заедно со влегувањето на помладите во играта донесе голем камбек на противникот. „Соколите“ прво со серија 20-3 намалуваат на минус седум (67-74), а потоа и со неколку тројки во низа дојдоа и до изненадувачко изедначување (82-82) на 28 секунди до крајот. Но, тогаш на сцена стапи најдобриот поединец на „металците“ вечерва, Тори Томас, кој со тројка од осум метри го донесе клучното водство (85-82), кое потоа умешно беше задржано во пенал-завршницата.

Првите две ипол четвртини минаа во потполна доминација на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, кои со серија 9-2 по само неколку минути дојдоа првото поопипливо водство на сино-белите (13-6). Првата двоцифрена предност ја обезбедивме во 12. минута, кога на семафорот стоеше резултатот 28-18 како најава на новата сигурна победа за освојување на првиот трофеј сезонава. Одбраната функционираше одлично, нападот функционираше перфектно, што резултира со нов силен период пред крајот на првото полувреме кога со 14-4 дојдовме и до плус 16 (43-27). Високата предност не ги спречи „металците“ да продолжат во ист стил и во третата четвртина, во која дојдоа до највисоката предност на мечот од 24 поени (66-42), по што дојде опуштањето и драмата со среќен крај на крајот.

Јунакот Томас средбата ја заврши со дабл-дабл ефект со 19 поени и 13 асистенции, а веднаш зад него беше Џош Скот со 18 поени. Одличен натпревар одиграа и Џеремаја Мејси со 16 поени и пет скока и Ксавиер Темс со 14 поени и шест скока. За аеродромци не настапи повредениот српски интернационалец, Ѓорѓе Дреновац.

Новите победници во Суперкупот ќе немаат премногу време за славје бидејќи веќе задутре и в понеделник ги чека настап на турнирот во Кавадарци на кој уште ќе учествуваат домаќинот Фени индустри, Кожув и косовски Пеќ.