МЗТ Скопје Аеродром е поголем од КФМ!

За недоигрувањето на сезоната, одземената шампионска титула и идните планови на МЗТ Скопје Аеродром, дневниот весник ВЕЧЕР направи интервју со извршниот директор на популарните „штркови“, Тони Грнчаров, од кое ви ги пренесуваме најважните поенти.

Кои се најновите информации околу можното ново учество на МЗТ во АБА-лига?

„На последниот состанок, кој се одржа пред десетина дена, се одлучи да ѝ се даде рок на Приморска до 15 јули за да ги намири финансиските долгови, но како што сме информирани, словенската лига не ѝ дава учество во националниот шампионат сѐ додека не бидат намирени сите трошоци. Моментално, Приморска е исфрлена во Четвртата лига и има право на жалба и ако не ја обезбеди финансиската гаранција нема да игра во домашниот шампионат и во АБА-лига. Се надевам дека АБА нема да чека до крајниот рок зашто ние не можеме да го оформиме составот за новата сезона затоа што поголемиот дел од играчите сакаат да знаат дали ќе играат во АБА 1 или АБА 2. Нашите извори нѐ информираат дека е тешка ситуацијата со Приморска која должи околу 1,6 милиони евра“.

Дали ќе биде спуштена топката кога е во прашање релацијата МЗТ –КФМ?

„Ќе почнам од самиот почеток. Кога Перо Антиќ се кандидираше за претседател на КФМ ја имаше нашата полна поддршка, дури му дадовме и полномошно на неговиот адвокат да учествува на тоа Собрание и со наша поддршка лобиравме да биде претседател. Сакавме на чело на федерацијата да дојде едно кошаркарско име, да направи некакви промени затоа што имал добра играчка кариера. Ние сме во постојан контакт со неколку лиги, со неколку федерации кои се во слична ситуација со нашата, но во тие земји беше одлучено да се додели трофејот на првопласираниот тим. МЗТ нема дилема, убедени сме дека сме во право, дека требаше да ја добиеме шампионската титула, зашто за три-четири години ќе се заборави оваа криза, но ќе остане тоа кој бил шампион. Антиќ попушти на притисокот од неговите пријатели, Саша Богдановиќ, кој е негов верен пријател и екипата на Гостивар каде што Антиќ беше акционер. Скопје е мал град, сè се знае, а ние знаеме дека ветувал дека МЗТ нема да биде шампион. Ние сме спортски работници, сакаме се да биде решено на терен и затоа правиме тим и ќе го заборавиме тоа што се има случено“.

Ќе беше ли ситуацијата сосема поинаква ако некој друг тим беше на првата позиција?

„Да беше Работнички прв ќе беше доделен шампионскиот трофеј. Антиќ не крие дека е фан на Работнички, но ние мислевме дека тие работи ќе ги стави во заднина и дека ќе работи само за кошарката. МЗТ е дефинитивно оштетен, но не жалиме, гледаме само напред“.

Ако нема промена во работата на КФСМ, дали МЗТ ќе размисли два пати за нова поддршка на Антиќ доколку посака втор претседателски мандат?

„Секако и тоа е опција, но во моментов не сакам да размислувам на таа тема, сакам на терен да се водат сите битки. Федерацијата треба да биде слуга на клубовите, зашто федерацијата нема никакво учество правењето на кошаркарите, тие излагаат од МЗТ, Фени, Куманово, а федерацијата само ги организира натпреварите и собира ‘арач’ од клубовите, собира котизација со која ги организира натпреварите и ништо повеќе. Според мое мислење, МЗТ е поголем од КФСМ, зашто МЗТ има своја армија од навивачи, има две екипи во Прва лига, во младинските категории секогаш сме на врвот и затоа сме поголеми од федерацијата. Се виде и дека МЗТ доби поголем поддршка од јавноста кога е во прашање одлуката на КФМ“.

Целото интервју на извршниот директор на нашиот клуб може да го прочитате на следниот линк.