МЗТ рутински обезбеди пласман во полуфиналето од плејофот
Актуелниот шампион МЗТ Скопје го направи првиот од трите чекори кон одбрана на титулата, откако убедливо го совлада Феникс (84-62) и со 3-0 во победи ја затвори четвртфиналната серија од плејофот.
„Аеродромци“ и овојпат формално беа гости, но одиграа како апсолутен фаворит, покажувајќи доминација уште од првата четвртина, која ја добија со 23-12. Сигурната игра продолжи до самиот крај на натпреварот, при што предноста постојано растеше.
Најефикасен во победничкиот состав беше Милош Копривица со 16 поени и 9 скока, а одлична поддршка доби од Бојан Крстевски (14 поени), Марин Петков (11 поени и 4 скока), како и од Андреј Магдевски, кој натпреварот го заврши со 10 поени, 8 скока и 5 асистенции.
Во полуфиналето, МЗТ Скопје ќе се соочи со тимот на Куманово, кој исто така обезбеди пласман меѓу четирите најдобри екипи во домашното првенство.