Марко Баковиќ уште една сезона ќе го носи дресот на МЗТ Скопје!

Хрватскиот интернационалец, Марко Баковиќ (31 год, 205 см) и во следниот период ќе настапува во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако го обнови договорот со нашиот клуб.

Станува збор за крилен центар, кој беше еден од најзаслужните за освојување на двојната круна во минатата сезона. Тој имаше забележителни партии и во АБА2-лигата, каде што на 16 меча на кои настапи просечно реализираше 11,3 поени заедно со 4,9 скока. Баковиќ во Аеродром дојде од таборот на Цибона, а претходно има играно за Горица како и за исландскиот тим Тор.

Хрватот е осмиот кошаркар под договор за претстојната сезона, а трет кој летово ја обнови соработката, по браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Наши играчи се уште и новото засилување од САД, Брандон Слај, како и староседелците Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, а во следниот период ќе ги објавиме имињата на уште неколку квалитетни засилувања.