Лесно и убедливо преку Феникс до шестиот трофеј во Суперкупот!

Нашите момци вечерва со одлична игра, пред се во второто полувреме, лесно и убедливо го совладаа Феникс (76-54) и дојдоа до шестиот трофеј во Суперкупот во клупската историја.

Минатата сезона ја освоивме двојната круна, поради што во пресметката за овој пехар го имаа финалистот од Купот на Македонија, кој имаше сили за отпор само во првите 17 минути. Пред крајот на вториот и до средината на третиот период се случи вистински блиц-криг на далеку поискусните кошаркари во сино-бела опрема, кои со спектакуларна серија 25-2 дојдоа до предност (50-31) која им овозможи далеку помирен финиш. Сѐ што се случуваше до крајот беше само рутина, односно одработување на задачата од страна на тимот кој повеќе од една деценија доминира во макбаскетот.

Тренерот на МЗТ, Васко Атанасов, одлично ги искористи речиси сите играчи од клупата, го распредели речиси рамномерно товарот врз сите, поради што и немаше некој што премногу се експонира, туку сите играа тимски. Тоа резултира со само двајца со двоцифрен поентерски ефект и тоа Војдан Стојановски со 13 и Седрик Расел со 12 поени, додека Ворку, Танасковиќ и Дамјан Стојановски реализираа по осум поени.

Првенствената сезона, пак, ја почнуваме следниот викенд и тоа со гостување кај Кожув.