Кочов: Со помош од навивачите до значајна победа против Динамик!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром по речиси две неделна пауза поради репрезентативниот прозорец на ФИБА, вечерва ги продолжуваат натпреварите во АБА2-лигата и тоа на домашен терен против српскиот претставник Динамик (20 часот), дуел во кој ќе пробаат да дојдат до исклучително важна победа во битката за што подобра позиција пред плејофот.

Нашите момци во моментов се второпласирани, со една победа повеќе во однос на најсериозниот конкурент Широки, кого, пак, го очекува тешко гостување кај лидерот Борац Чачак. Победата е приоритет, а важна улога ќе има и разликата со која ќе биде остварена, со оглед што вкупната кош-разлика би можела биде решавачка на крајот во случај да имаме ист број бодови со составот од БиХ.

Поради тоа, тренерот Ѓорѓи Кочов очекува максимално залагање од своите избраници, а воедно се надева и на голема поддршка од трибините од нашите верни навивачи и симпатизери.

„Нѐ очекува меч против талентиран и квалитетен противник, кого максимално го респектираме. ФИБА-прозорецот дојде во лош момент за нашата екипа, бидејќи поради фактот што имавме петмина репрезентативци две недели трениравме само со странските кошаркари. Но, сигурен сум во максималното залагање на сите во тимот. Пресметката со Динамик е исклучително значајна за нас, бидејќи со победа ќе направиме огромен исчекор кон плејофот, со што ќе ја оствариме примарната цел поставена пред почетокот на сезоната. Се надевам дека од трибините ќе имаме значајна поддршка во овој важен дуел“, изјави Кочов.

Против Динамик досега имаме одиграно три меча и остварено две победи, првата на домашен терен во 2018 година како и последната во Белград одиграна лани во ноември.