И со скратен ростер го преслушавме Куманово!
МЗТ Скопје Аеродром забележа нов убедлив триумф во домашното првенство, совладувајќи го незгодниот тим на Куманово со 73-60 во СЦ „Јане Сандански“. Аеродромци контролираа во текот на сите 40 минути и покажаа стабилност и самодоверба, иако настапија без неколку стандардни првотимци.
Тренерот располагааше со значително скратен состав поради отсуствата на Андреј Маслинко и Марин Петков (повредени), Бојан Величковски (болен), како и Мек Смит, кој не беше во тимот поради смртен случај во семејството. И покрај тоа, екипата одигра цврст и дисциплиниран натпревар.
Најефикасен кај МЗТ беше Чарлс Гил со 23 поени и 6 скока, уште еднаш потврдувајќи ја својата одлична форма. Капитенот Војдан Стојановски за само 22 минути постигна 19 поени и даде значителен офанзивен импулс, додека Андреј Магдевски натпреварот го заврши со целосен учинок – 5 поени, 6 скока и 8 асистенции.
Со оваа победа, „сино-белите“ со позитивна атмосфера патуваат на следниот предизвик. Во вторник (4 ноември), МЗТ гостува во Бања Лука кај босански Студент, во рамките на следното коло.