Гладијаторска борба и пораз по продолжение во финалето од АБА2!

Гладијаторска борба, лош старт, но враќање по минус 21, недостаток на среќа во зицерот на крајот од регуларниот дел на Адем Мекиќ, како и немање сили во продолжението, се работите видени во, за жал, поразот на нашите момци во вечерашното финале од НЛБ АБА2 лигата против Златибор (73-78).

Ова, сепак, не го намалува задоволството од веќе обезбеденото враќање во јадранската елита, обезбедено со победата над Широки во петокот. Аеродром следната сезона ќе ги гледа великаните од регионот и ќе ужива во мајсториите на кошаркарите на Ц. Звезда, Партизан, Цедевита Олимпија, Будуќност…

И вечерва сите во нашиот тим заслужија аплауз и пофалби за вложениот труд и желбата за победа, но овој пат среќата не беше на нашата страна. Војдан Стојановски со 14 поени и осум скока беше најпрецизен кај македонскиот тим, Мекиќ и Хуан Дејвис имаа дабл-дабл со по 12 поени и 11 скока, Кристијан Николов исто така имаше 12 поени, додека Немања Милошевиќ дополни со 10 поени.

Огромна благодарност и за нашите верни навивачи и сите останати симпатизери на клубот, но и на македонскиот спорт, за поддршката која ни ја дадоа во изминативе пет дена. Заеднички ја остваривме целта.