Ептен убедлив триумф над Еуро Никел за сигурно прво место пред Суперлигата

Многу полесно од очекувањата, со агресивна игра во одбраната и квалитетен напад, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на домашен терен го совладаа тимот на Еуро Никел (93-60), во последниот меч од 17. коло од Првата лига по кој и теоретски го обезбедија првото место на табелата пред Суперлигата.

„Металците“ одиграа одличен натпревар и уште во првото полувреме дојдоа до сигурна предност со највисоки во овој дел од мечот плус 13 (33-20). Нашите момци и покрај високата разлика не застанаа ниту во продолжението, па со неверојатна серија 27-4 дојдоа до огромни плус 33 (72-39) со која ја најавија катастрофата на гостинот. МЗТ Скопје Аеродро со ова со камата им се реваншира на кавадарчани за поразот во салата „Јасмин“ во првиот дел од шампионатот (78-92).

Најдобар кај шампионот беше Феми Олуџоби, кој средбата ја заврши со 22 поени и шест скока, Дамјан Стојановски реализира 14 поени, додека Бојан Крстевски и Ерон Харис реализираа по 13 поени. За одбележување е и универзалниот настап на Андреј Магдевски, кој имаше учинок од девет поени со седум скока и девет асистенции.

Вечерашниот меч засекогаш ќе го памети нашиот 16-годишниот кошаркар, Никола Василевски, кој за две минути, колку што доби од тренерот Ѓорѓи Кочов, постигна четири поени, негови први на сениорска прволигашка сцена.

Вечерашниот триумф дефинитивно ќе биде мотив повеќе за нашите кошаркари во пресрет на исклучително важниот дуел в среда против Ловќен, последен од регуларниот дел од првенството во АБА2.