Ептен слатка победа за МЗТ во големото дерби со Работнички
МЗТ Скопје забележа огромна победа во вечното дерби, совладувајќи го Работнички со 97-93 по дополнителни пет минути, со што „металците“ остануваат во трка за првото место пред почетокот на плејофот во Супер лигата.
Во фантастична атмосфера пред околу 2.000 гледачи, избраниците на тренерот на МЗТ Скопје покажаа карактер и победнички менталитет во клучните моменти. Иако во продолжението имаа негатива од четири поени, „сино-белите“ одговорија на најдобар можен начин, правејќи серија од 9-1 за комплетен пресврт и конечен триумф.
Смиреноста и сигурната рака на Петков, како и одличната тимска игра, беа клучни фактори за победата, која добива уште поголема тежина ако се знае дека во составот недостасуваа повредените Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Магдевски и Илајџа Мекејден.
Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје беше Мек Смит со 25 поени, на кои додаде и пет скока и седум асистенции. Петков одигра маестрален натпревар со 18 поени и дури 11 асистенции, додека Танасковиќ и Гил постигнаа по 14 поени. Стојановски, пак, запиша дабл-дабл учинок од 11 поени и 10 скока.
Во последното коло од регуларниот дел на Супер лигата, МЗТ Скопје ќе му гостува на Чаир 2030 во натпревар кој ќе се одигра следниот викенд.