Дамјан ја брка 12-тата титула како потврда на статусот – најголема легенда на МЗТ!
Ако логото на НБА ја има силуетата на Џери Вест, а препознатливото забивање на Мајкл Џордан е преточено во лого на опремата со неговото име продадена во милијарди примероци, тогаш во некоја блиска иднина логото на МЗТ Скопје би морало да го содржи ликот на – Дамјан Стојановски.
Низ нашиот клуб минале многу квалитетни кошаркари. Голем дел од нив би можеле да бидат дел од „Алејата на славните“, но ако меѓу нив треба да се издвои една најголема легенда, тогаш тоа дефинитивно би бил Дамјан.
За капитенот ова ќе биде 14. сезона во сино-белиот дрес на гордоста на Аеродром, во која ќе ја брка својата 12. шампионска титула. Со тоа само дополнително ќе го зацврсти статусот на кошаркар за кого сегашните генерации со гордост ќе можат да кажат дека живееле во ерата на големиот Дамјан – човекот кој остави неизбришлив белег во историјата на МЗТ Скопје.