Андрија Бојиќ повторно во дресот на МЗТ Скопје Аеродром!

Српскиот интернационалец, Андрија Бојиќ (27 год, 207 см) следната сезона повторно ќе настапува во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша едногодишен договор со нашиот клуб.

Станува збор за центар, кој беше дел од аеродромската чета во финишот од сезоната 2017/18 како и во текот на сезоната 2018/19, во која на крајот се закити со шампионскиот трофеј. Минатото првенство го мина во романскиот тим Волунтари, по што повторно се врати во „Јане Сандански“. Бојиќ првите кошаркарски чекори ги направи во дресот на Мега Визура, по што играше за екипи како ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун, КСЕ Јашбери (Унгарија), Полфарма (Полска) и романска Политехника.

Србинот е трето странско засилување за нашиот тим во пресрет на новата сезона во која влегуваме со највисоки амбиции во АБА2-лигата и во двете домашни натпреварувања, по Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет. Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање има и шест македонски репрезентативци и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.