Американецот Олуџоби уште една сезона во дресот на МЗТ Скопје Аеродром

Американецот Феми Олуџоби (24 год, 206 см) и во следиот период ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша нов едногодишен договор со нашиот тим, со можност тој да биде продолжен за уште една сезона.

Станува збор за извонреден крилен центар, кој во Аеродром дојде во февруари годинава и за нецел месец, до прекинот поради пандемијата со коронавирусот, успеа да го освои срцата како на луѓето во клубот и соиграчите, така и на нашите навивачи. Олуџоби настапи на три средби во АБА2-лигата со просек од 16 поени и осум скока, како и на два меча во Првата лига во кои просечно реализираше 16,5 поени и пет скока. Пред да дојде во „Јане Сандански“, тој неколку месеци одигра во Литванија и тоа за екипата на Лиеткабелис, а претходно, во американската НЦАА-лига, настапуваше за Оукленд колеџот, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол.

Тој е седми сигурен кошаркар во ростерот на тренерот Ѓорѓи Кочов за новата сезона, откако претходно беа обновени договорите со капитенот Дамјан Стојановски и Андреј Маслинко, беа ангажирани Филип Бакоч и Адем Мекиќ, додека од минатата сезона договорни обврски имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.