Американец од Бешикташ го комплетира ростерот на МЗТ Скопје за новата сезона!

Американскиот кошаркар Тодрик Гочер (27 год, 193 см) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром, со што воедно го комплетираме составот со кој ќе ја почнеме новата сезона и тоа со седумина македонски репрезентативци и четворица интернационалци.

Станува збор за исклучителен бек-шутер, кој во нашиот тим доаѓа по сезона мината во силниот турски прволигаш Бешикташ, со кој настапуваше и во престижната Лига на шампионите на ФИБА. Гочер во турското првенство настапи на 23 средби со просек од 9,4 поени, 4,7 скока и 2,3 асистенции додека во ЛШ на 16 меча просечно реализираше 10,8 поени, 3,5 скока и 1,6 асистенции. Претходно има настапувано во два грчки тима и тоа Короивос и Ифаистос, како и за француски Шоле. Пред да дојде во Европа, во американската НЦАА-лига настапувал за престижниот Тексас Тек универзитет, каде што бил најдобар во тимот во последната година од студиите.

Гочер е третиот Американец на кој тренерот Ѓорѓи Кочов ќе смета во новата сезона, заедно со Феми Олуџоби и Хасани Гравет, а покрај нив ќе биде и српскиот интернационалец Андрија Бојиќ. Капитенот Дамјан Стојановски ќе го предводи македонскиот септет, во кој се уште и Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Адем Мекиќ и Филип Бакоч. Летово, а и понатаму сезонава, со првиот тим ќе работат и најдобрите таленти од нашата младинска школа, со цел да стекнат драгоцено искуство.