АЛТА банка нов член во спонзорскиот тим МЗТ Скопје!
МЗТ Скопје Аеродром со гордост објавува дека АЛТА банка е нов спонзор на нашиот клуб, со што започнуваме партнерство насочено кон поддршка на македонскиот спорт и промоција на вредностите кои ги спојуваат спортските и деловните успеси – посветеноста, дисциплината, тимскиот дух и континуираниот стремеж кон врвни резултати.
Соработката беше официјализирана на денешната прес-конференција во спортскиот центар „Јане Сандански“, во присуство на раководството на нашиот клуб и претставници на АЛТА банка.
Како клуб со огромна традиција, силен идентитет и значајно место во македонската кошарка, нашите амбиции на домашната, регионалната и европската сцена остануваат исти. Горди сме што токму во овој наш пристап, АЛТА банка препозна партнер со кој може да изгради соработка што оди многу подалеку од класично спонзорство.
За значењето на влегувањето на АЛТА банка во нашето партнерско семејство, претседателот на Бордот на директори на МЗТ Скопје, Никола Трајчевски потенцира:
„Радува фактот што една компанија која и во својот корпоративен идентитет силно го препознава спортот и кошарката, како на локално така и на регионално ниво, ги препозна начинот на функционирање и амбициите на МЗТ Скопје. Со АЛТА банка во нашето семејство добиваме уште една сериозна компанија, подготвена да ги следи амбициите на клубот не само во оваа сезона, туку и на среден и долг рок. Веруваме дека заедно ќе продолжиме да ги градиме успесите на домашен и регионален план, а оваа сезона, по подолг период, и на европската сцена преку настапите во ФИБА натпреварувањата.“

Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА банка, го истакна своето видување за ова партнерство:
„За АЛТА банка претставува големо задоволство што ја официјализира соработката со МЗТ Скопје – клуб со голема традиција, силен идентитет и препознатливост, кој оставил силен печат во македонската кошарка. Како банка која расте и се развива и гради сè посилно присуство во македонскиот финансиски систем и општеството, сакаме да бидеме активен дел од заедницата во која работиме. Веруваме дека улогата на една компанија не завршува со услугите што ги нуди, туку подразбира и поддршка на спортот, младите, позитивните примери и организациите кои создаваат вредност и ги обединуваат луѓето. Нашата желба е ова да не биде само класично спонзорство, туку активно и динамично партнерство преку кое заеднички ќе создаваме дополнителна вредност за клубот, навивачите, клиентите на АЛТА Банка и пошироката заедница.“
МЗТ Скопје Аеродром и АЛТА банка во ова ново партнерство влегуваат со заедничка енергија и со амбиција за нови успеси, како и создавање вредности кои ќе одекнат многу подалеку од кошаркарскиот паркет.