Во Струмица го претрпевме првиот пораз во Суперлигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје претрпеа неочекуван пораз во рамки на домашната Суперлига, откако на гостувањето во Струмица загубија од истоимениот состав со (79-87).

Нашите момци одлично го отворија дуелот и уште во петтата минута стигнаа до солидна предност од осум поени (17-9). Сепак, домаќинот брзо се консолидираше, не дозволи натпреварот да добие едностран тек и до крајот на првите десет минути ја анулира негативата за израмнети 26-26.

Во вториот период, сино-белите ја одржуваа иницијативата во поголемиот дел од четвртината, но струмичани беа поконкретни во завршницата и на полувреме заминаа со водство од 47-44. Третата четвртина донесе жестока битка со чести промени на водството, оставајќи сѐ отворено пред решавачките десет минути.

Клучниот момент се случи во завршницата. При водство на МЗТ Скопје од 70-67, домашниот тим направи серија од 13-0 со која го презеде целосниот контролен ритам и стигна до највисоките плус 12 (87-75) на стотина секунди до крајот, што се покажа недостижно за наш пресврт во последните секунди.

Во нашите редови, најпрецизен беше Војдан Стојановски со 17 поени. Натпреварот го одигравме без капитенот Дамјан Стојановски, кој поради скршено ребро е надвор од стројот и ги пропушти и претходните три средби. Веќе в недела нѐ очекува нов голем суперлигашки испит – на домашен терен во Аеродром го пречекуваме составот на Пелистер, каде што ќе бараме враќање на победничките патеки.