Три од три во Суперлигата: МЗТ рутински го надигра ТФТ!

Три натпревари – три победи! Нашиот тим го продолжува перфектниот старт во новата сезона од домашното првенство. Вечерва, пред нашата публика во „Јане Сандански“, МЗТ Скопје Аеродром забележа важен триумф совладувајќи го секогаш незгодниот градски ривал ТФТ со 70-66.

Избраниците на стручниот штаб одиграа зрел и сигурен натпревар. Нашите момци го диктираа ритамот од првиот до последниот момент, не дозволувајќи му на противникот ниту еднаш сериозно да ја загрози нашата предност. Со искусен и рутински пристап во завршницата, сосема заслужено ги осигураа новите бодови со кои остануваме на врвот на табелата.

Во уште една одлична тимска претстава, најефикасен во нашите редови беше Димитрије Николиќ кој го заврши мечот со 15 поени и 5 скока. Одлична партија пружи и разигрувачот Тадија Тадиќ со 12 поени, 5 скока и 4 асистенции, додека Лесли Варнер придонесе со 11 постигнати поени.

По успешно завршената задача на домашната сцена, фокусот веднаш го префрламе кон меѓународните предизвици. Следна станица за сино-белата чета е ФИБА Европа купот! Во вторник (20 октомври), нашиот тим го очекува тешко гостување кај германскиот состав Вурцбург, во рамки на третата рунда од ова елитно натпреварување.