Приказната за Ленче од Кавадарци: Љубовта кон МЗТ не познава граници!
Дека МЗТ Скопје е најдобриот спортски колектив со кој се гордеат сите жители од Општина Аеродром е нешто што го знаат и птиците на гранките, но нашиот клуб одамна ги надмина локалните маалски рамки и веќе подолго време е бренд за кој се навива и се „гине“ не само во целата престолнина, туку и ширум цела Македонија.
Еден од доказите за тоа е приказната за 36-годишната Ленче Трајкова. Таа е родена во Кавадарци, вљубена е во кошарката од најмали нозе, но за разлика од своите сограѓани, не навива за Тиквеш, односно за Фени, туку нејзиното срце чука исклучиво за – МЗТ Скопје.
„Кошарката ја засакав од најмали нозе, а љубовта само стануваше поголема. Јас сум од град со голема кошаркарска традиција, па овој спорт отсекогаш бил дел од атмосферата во која растев. Првиот меч на МЗТ го гледав како дете – беше тоа стара снимка од победата над Реал Мадрид – и едноставно почнав да се чувствувам чудно. Со текот на времето сфатив дека кога игра МЗТ, јас не гледам само натпревар: се радувам на секој кош, се нервирам за секоја изгубена топка и го преживувам секој последен напад. Тогаш знаев дека овој клуб станал дел од мене – станал емоција и припадност. Иако сум од Кавадарци, никогаш не сум чувствувала дека тоа е пречка за да го доживувам МЗТ како свој клуб. Напротив, токму тоа ми е убаво – сино-белата фамилија нема граници“, ни објаснува нашата навивачка.

Таа го опишува сопственото чувство од историскиот момент кога ја освоивме првата шампионска титула во 2012 година, токму во нејзиниот град.
„Најемотивен спомен ми е финалето во 2012 година, кога МЗТ против Фени ја освои првата титула, и тоа во моето Кавадарци. Цела сала навиваше за Фени, а јас бев на страната на гостинот. Не беше баш најлесно да навиваш за гостинскиот тим во град во кој сите околу тебе се надеваа на победа на Фени, но токму затоа моментот кога МЗТ ја освои титулата ми остана толку силно во сеќавање. Радоста ми беше огромна, можеби уште поголема затоа што бев опкружена со луѓе кои навиваа за другиот тим. Тоа е еден од оние натпревари што не се паметат само по резултатот, туку по целата атмосфера, емоцијата и чувството…“, се присетува нашата Ленче.
Таа нема пропуштено натпревар на нашиот тим во нејзиниот град – секако, облечена во сино-бело и навивајќи за гостите од Аеродром.
„Посебно е чувството кога МЗТ гостува во Кавадарци – како да се спојуваат две нешта што многу ми значат. Никогаш немам пропуштено гостување на моите миленици во мојот град. Во една прилика во салата дојдов со шест конци на главата, откако потпишав да излезам од болница само три дена по направена операција, само за да го гледам МЗТ во Кавадарци. Доаѓам на средби и во ‘Јане Сандански’, километражата никогаш не ми била вистинска пречка кога станува збор за МЗТ“, раскажува Трајкова.

Нашата навивачка открива дека плачела од радост кога сме го ангажирале нејзиниот омилен кошаркар.
„Мој омилен кошаркар е Војдан Стојановски. Плачев од радост кога разбрав дека ќе потпише за МЗТ Скопје. Не го ценам само поради неговите кошаркарски квалитети, туку и поради начинот на кој го претставува клубот – со борбеност, карактер и огромна посветеност. За мене, тој е еден од оние играчи поради кои уште повеќе се врзуваш за клубот. Кога го гледам во сино-белиот дрес, чувството е посебно“, искрена е најголемата навивачка на нашиот клуб во Кавадарци.
МЗТ Скопје пред една недела почна со подготовките за новата сезона, во која, освен во домашната Суперлига и во АБА2-лигата, по подолга пауза ќе играме и во Европа, и тоа во ФИБА Еврокупот.
„Сакам моите миленици и во новата сезона да продолжат да се борат за секоја топка, за секој напад и за секоја победа, бидејќи зад нив стои огромен број луѓе што живеат за овој клуб. Нека знаат дека има навивачи кои патуваат со километри за да ги гледаат, кои се радуваат со нивните победи и тагуваат со нивните порази. Затоа, никогаш да не се откажуваат и секогаш да го оставаат срцето на теренот. Во новата сезона им посакувам многу победи, добра атмосфера и што повеќе моменти со кои сите заедно ќе се гордееме што сме дел од МЗТ!“, завршува нашата Ленче.
Трајкова е само една „капка во базенот“ навивач(к)и на нашиот клуб, кој со својата работа, доминација и професионалност веќе одамна е гордост не само на Аеродром туку и на цела Македонија.