МЗТ домаќин на светската ѕвезда на уличната кошарка – Мат Киатипис

МЗТ Скопје летово ќе биде дел од еден од најголемите промотивни кошаркарски проекти што некогаш се реализирале во Македонија.

Во периодот од 10 до 15 август, во соработка со „Лолипоп ентертаинмент груп“, нашиот клуб ќе биде еден од домаќините на светски познатиот фристајл кошаркар и еден од највлијателните креатори на кошаркарска содржина – Мат Киатипис (MK – MKIATIPS).

Станува збор за проектот „Macedonia Takeover – MK in MK“, шестдневна турнеја која ги поврзува кошарката, спортот, музиката, културата, гастрономијата и дигиталните медиуми, со цел Македонија да биде претставена пред милионска светска публика преку содржините што ќе ги создава Киатипис за време на својот престој.

Изборот токму МЗТ Скопје да биде партнер и домаќин на еден од проектите не е случаен. Нашиот клуб годинава прославува 60 години постоење, а низ децениите изгради статус на најтрофеен и еден од најпрепознатливите кошаркарски брендови во Македонија и регионот. Токму затоа, голем дел од активностите за време на посетата на Киатипис ќе бидат реализирани во организација и координација со гордоста на Аеродром.

Мат Киатипис е глобално препознатливо име во светот на уличната кошарка. Неговите атрактивни видеа и кошаркарски предизвици редовно достигнуваат десетици милиони прегледи, а зад себе има соработки со најголемите светски спортски брендови, професионални клубови и кошаркари. Денес важи за еден од највлијателните промотори на современата кошарка и дигиталната спортска култура.

За МЗТ Скопје, учеството во овој проект претставува уште една можност клубот да биде промовиран пред глобалната кошаркарска јавност, но и да придонесе во афирмацијата на Македонија како земја со богата спортска традиција, култура и гостопримство.

Во наредните денови клубот ќе ги објави деталите околу активностите, настаните и можностите навивачите да бидат дел од ова уникатно кошаркарско доживување.