Ги дознавме ривалите во ФИБА Еврокупот!
МЗТ Скопје денеска ги доби противниците за настапот во групната фаза од ФИБА Еврокупот, каде што ќе бидеме дел од исклучително квалитетна конкуренција, со екипи од земји што се редовни учесници на најголемите репрезентативни натпреварувања.
Засега сигурни ривали ни се грчки Ираклис и естонски Тарту, додека во нашата група се најдоа и германски Вурцбург, кипарски АЕЛ Ларнака и полска Џики Варшава. Сепак, овие три екипи претходно ќе настапат во квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, па доколку некоја од нив обезбеди пласман во групната фаза на тоа натпреварување, нејзиното место ќе го пополни „среќен губитник“ од квалификациите за ФИБА Еврокупот – сценарио што би значело и нешто поповолен состав на нашата група.
Групната фаза почнува на 29 и 30 септември, а МЗТ Скопје ќе одигра најмалку 10 европски натпревари – по пет на домашен терен и на гостински паркет. Натпреварувањето во групата ќе трае до средината на јануари, кога ќе се решава кои екипи ќе го продолжат европскиот пат.